Тридневна жалост во Бразил за смртта на Пеле

Бразилската фудбалска легенда Пеле

Бразилската фудбалска легенда Пеле

Бразил доцна синоќа прогласи тридневна жалост за смртта на легендарниот фудбалер Пеле, кој почина на 83-годишна возраст.

„Ширум земјата е прогласена тридневна жалост во чест на смртта на Едсон Арантес до Насименто Пеле“, се вели во декретот од претседателот на Бразил во заминување, Жаир Болсонаро.

Пеле, единствениот фудбалер во историјата кој три пати ја освојуваше титулата светски првак, почина вчера по долга борба со рак на дебелото црево.

Здравствената состојба на Пеле, кој според многумина е најдобар играч на сите времиња, беше нрушена во последните неколку месеци, а тој беше хоспитализиран на крајот на ноември.

„Те сакаме бескрајно, почивај во мир“, со овие зборови, објавени на Инстаграм, една од неговите ќерки Кели Насименто објави дека починал еден од најпознатите Бразилци во историјата.

Неколку часа по таа објава беше објавено дека погребните обреди ќе започнат во понеделник, 2 јануари, на стадионот Сантос во Сао Паоло, каде Пеле играше од 1956 до 1974 година.

Видете и ова: Почина легендарниот бразилски фудбалер Пеле


Погребот ќе се одржи во вторник меѓу семејството, а пред тоа ќе има поворка зад ковчегот на улиците на Сантос, пристанишен град на 80 километри од Сао Паоло.

Во сојузната држава Сао Паоло е прогласена седумдневна жалост.
Пеле, која на 17-годишна возраст играше за бразилската репрезентација на Светското првенство во 1958 година, освои три светски шампионски титули - во 1958, 1962 и 1970 година.

За Бразил одигра 92 натпревари и постигна 77 голови. Освен за Сантос играше и за Њујорк Космос.