Израелскиот парламент денеска и изгласа доверба на новата влада на Бенјамин Нетанјаху. Нетанјаху повторно положи заклетва, враќајќи се на чело на екстремно десничарската влада, објави Ројтерс.
Владата на Нетанјаху вети дека приоритет ќе има проширувањето на населбите на окупираниот Западен Брег, проширување на субвенциите за ултраортодоксните сојузници и реформирање на судскиот систем, што може да ги загрози демократските институции во земјата.
Нетанјаху е премиер со најдолг стаж на Израел.
Тој беше отстранет од власт во 2021 година од коалиција од осум партии, кои се обединија против неговото владеење. Таа коалиција се распадна во јуни, а Нетанјаху и неговите ултранационалистички и ултраортодоксни сојузници обезбедија парламентарно мнозинство на изборите одржани во ноември оваа година.
„Слушам постојани извици од опозицијата за крајот на земјата и демократијата. Поразот на изборите не е крајот на демократијата, туку нејзината суштина“, рече Нетанјаху.
Тој се обрати во Парламентот пред полагањето заклетва на членовите на новата израелска влада.
Неговиот говор постојано беше прекинуван со потсмев од членови на опозицијата.
Јаир Лапид, премиерот во заминување, рече дека на новата влада и остава „земја во одлична состојба, со силна економија и подобрени одбранбени способности“.
Нетанјаху, кому му се суди за корупција, негира дека има намера да ја искористи својата позиција за да влијае на судењето. Но, другите членови на коалицијата ветија дека ќе легализираат дел од злосторствата за кои е обвинет и ќе го намалат влијанието на државниот обвинител, кој го надгледува неговото гонење.
Нетанјаху треба да го одработи историскиот, шести мандат како премиер.
Палестинците стравуваат дека новата влада ќе ја зајакне израелската власт на окупираниот Западен Брег, a новата влада ја враќа загриженоста дека ќе има прекршување на правата на малцинствата и ЛГБТК луѓето.