Тоне иранската валута додека протестите продолжуваат низ земјата

Илустративна фотографија

Иранската валута, ријалот, продолжи со својата остра девалвација, бидејќи економските проблеми се влошуваат поради недостаток на напредок во нуклеарните преговори со Западот и повеќемесечните граѓански немири кои продолжуваат да ја потресуваат земјата.

Иранската валута достигна ново, историски најниско ниво во однос на американскиот долар на 28 декември, еден долар има вредност од 440.000 риали, наспроти 360.000 риали пред еден месец, објави девизниот сајт „Bonbast.com“.

Иранците се обидуваат да ги претворат своите заштеди во странски валути, особено во американски долари и евра, во услови на влошена економска ситуација предизвикана од меѓународните нуклеарни санкции и политичката нестабилност поради тековниот бран протести по смртта на 22-годишната Махса Амини, откако беше уапсена од полицијата за морал во септември, за „неправилно“ носење на задолжителната шамија.

Во Иран, се повеќе и повеќе жени го отфрлаат хиџабот

Пред почетокот на сегашниот бран протести, риалот беше проценет на приближно 298.200 за долар.

Слабеењето на валутата, исто така, беше забрзано со намалените надежи за заживување на историскиот нуклеарен договор од 2015 година меѓу Техеран и глобалните сили со кој се укинаа повеќето меѓународни економски санкции во замена за ограничувања на нуклеарната програма на Техеран.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година, со што повторно воведе остри санкции врз Иран и го натера Техеран да продолжи со нуклеарните активности.

Видете и ова: Се уште не е јасен статусот на озлогласената полиција за морал во Иран


Преговорите за негово заживување беа обновени во април, но оттогаш заостануваат поради западните обвинувања дека Иран продолжува со нукларни активности.

На 28 декември, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан се состана во главниот град на Оман, Мускат, со оманскиот султан Хајтам бин Тарик, во време на шпекулации дека Мускат презел улога во обновувањето на договорот.

Сепак, портпаролот на германското Министерство за надворешни работи Кристофер Бургер на 28 декември изјави дека Берлин, еден од потписниците на договорот, не гледа причина да се врати на преговорите.

Техеран инсистира на тоа дека неговата нуклеарна програма има само цивилни цели, но Западот стравува дека може да се доближи до можноста да изгради нуклеарно оружје.