Во тековната 2022 година македонското Собрание работело 88 дена, а најмногу заостанати закони има на собраниската комисија за образование, информираше собранискиот спикер Талат Џафери. Оценувајќи ја работата на Парламентот , тој нагласи дека годинава активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ довела до нов начин на работа, а за исходот од тоа ќе ценат граѓаните
„Ненавикнати на таа ситуација моравме да се прилагодиме кон таа состојба. Од контекст на одлуката, секако, тоа е демократско политичко право на демократски субјект да учествува во политичкиот живот да има политичка одлука како ќе делува во Собранието. Од тој аспект тоа не можете да го вреднувате како нешто што е недопустливо или забрането“, рече Џафери.
Со барање за предвремени избори, кон крајот на првата половина на годината опозициската ВМРО ДПМНЕ почна со т.н. активна блокада на Собранието, кога најавија дека ќе ги поддржуваат само добрите иницијативи, а ќе бликираат се останато.
Видете и ова: Уставните измени во март на собраниско мени?Џафери на брифингот со новинарите достави и листа на незавршени комисиски расправи за закони и други точки кои се заглавени на овие собраниски тела и поради што не можат да бидат поминати на пленумот.
Предничи собраниската Комисија за образование и наука каде има десет незавршени точки, а потоа следуваат комисите за здравство со девет, за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика, за надзор над мерките за следење на комуникациите со по осум точки и за финансирање и буџет со седум закони.
Џафери вели дека за причините за незавршувањето на овие седници на комисиите треба да се прашаат парламентарните групи и нивните координатори. Убеден дека за вакви ситуации излез би можело да биде и нов Деловник, за што разговори во рамки на Жан Моне процесот имаше во понеделникот.
Првата нова седница на Собранието е закажана за 10 јануари.