Конфликти поради отстранувањето на барикадите на северот на Косово

запалени камиони, Северна Митровица, Косово, барикади

Косовските медиуми јавуваат дека на барикадите што ги држеле Србите имало конфликти меѓу оние кои ја поддржуваат иницијативата на претседателот на Србија Александар Вучиќ за нивно отстранување, и, како што се наведува, „Русите“ кои се противат и не дозволуваат отстранување. „Се сомнева дека тие (Русите) ноќе запалиле камиони на мостот во Звечане во знак на бунт против таквата наредба. Вучиќ испратил „силни луѓе“ од Белград за да не се попречува отстранувањето на барикадите“, пишува приштинската агенција Kosovapress.com. И косовската полиција утринава потврди дека кај Дудин крш, меѓу Митровица и Звечане биле опожарени два камиона и дека немало повредени. Српскиот претседател Александар Вучиќ, по разговорите со Србите од Косово, најави дека во четврток наутро ќе започне отстранувањето на барикадите на северот на Косово.

Отворен граничниот премин Мердаре

Косовската полиција соопшти дека денеска бил отворен граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија. „Според последните информации, патот кој беше блокиран на вториот километар во внатрешноста на Србија на 27.12.2022 година, денеска во 09:50 часот е ослободен за сообраќај. Затоа ги известуваме граѓаните и сонародниците сега дека граничниот премин „Мердаре“ е пуштен за сообраќај и вратен во целосна нормала“, соопштија од полицијата. Граничниот премин Мердаре беше затворен од косовската полиција на 27 декември, откако група Срби во Србија го блокираа патниот пристап до границата. Отворен е по отстранувањето на барикадата на српска страна.