Узбекистанските власти соопштија дека 18 деца починале откако земале медицински сируп произведен од индиска фармацевтска компанија за ублажување на симптомите на настинка и грип.
Министерството за здравство на 28 декември исто така соопшти дека 18 од 21 дете кои земале сируп додека боледувале од акутна респираторна болест починале откако го конзумирале.
Главниот лекар на Регионалниот мултидисциплинарен медицински центар за деца во Самарканд во писмо од 15 декември до шефот на регионалниот здравствен оддел рече дека 21 дете што го земале лекот именуван како Doc-1 Max „покажале знаци на оштетување на бубрезите и откажување на бубрезите“.
Според информациите од Народниот правобранител, пациентите биле на возраст под 6 години; 15 од нив биле на возраст под 3 години. Трите деца кои закрепнаа се отпуштени од болница.
Видете и ова: Респираторните инфекции во пораст, загадениот воздух им годи на вируситеСирупот, кој го произведува индиската компанија Марион Биотек, беше увезен во Узбекистан од страна на Курамакс Медикал ДОО, се вели во соопштението на Министерството на 27 декември, цитирано од Ројтерс.
Серија од сирупот содржела етилен гликол, за кој Министерството за здравство соопшти дека е токсична супстанција.
Марион Биотек, Курамакс Медикал и индиското Министерство за здравство не одговориле на барањето на Ројтерс за коментар.
Кога роднините на пациентите ги прашале за причините за нивното заболување, тие рекле дека имале симптоми на настинка и нивната состојба се влошила по земањето на лекот.
Во упатството за употреба е наведено дека тој лек може да се користи од 2-годишна возраст, но слични лекови од други фирми се дозволени да се користат по 12 години, соопшти Народниот правобранител.
Откако инцидентот излезе на виделина, беше објавено дека продажбата на оваа серија лекови во Узбекистан е привремено прекината од 22 декември.
Министерството за здравство, исто така, соопшти дека отпуштило седум вработени поради небрежност, бидејќи ненавремено ги анализирале инфорамциите за смртните случаи и не ги преземале потребните мерки.