САД и ЕУ загрижени поради тензиите на северот на Косово

Европската унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави се загрижени поради континуираната тензична ситуација на северот на Косово. Во заедничката изјава која ја објавија денеска прес службите на САД и ЕУ се вели дека и двете страни се повикуваат на максимална воздржаност и итно да преземат мерки за безусловна деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокации, закани и заплашувања.

„Ги поздравуваме уверувањата на раководството на Косово дека на Косово нема списоци на српски државјани кои ќе бидат уапсени или кривично гонети за мирни протести/барикади. Истовремено, мора да се почитува владеењето на правото, а секоја форма на насилство е неприфатлива и нема да се толерира“, се подвлекува во заедничката изјава.

Видете и ова: Зошто повторно се разгоруваат етничките тензии во северно Косово


Во соопштението е потврдено и дека Брисел и Вашингтон соработуваат со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот на Косово Албин Курти на изнаоѓање политичко решение со цел да се смират тензиите и да се договорат за патот напред во интерес на стабилноста, безбедноста и доброто.

„Исто така, очекуваме Косово и Србија да се вратат на негување на средина погодна за помирување, регионална стабилност и соработка за доброто на нивните граѓани“, се вели во соопштението.

Според оваа најава, Соединетите Американски Држави ќе ја поддржат работата на Европската Унија преку Мисијата за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС). Исто така, во неа се додава дека ЕУЛЕКС, во согласност со својот мандат, ќе продолжи внимателно да ги следи сите истраги и последователни постапки со цел да го промовира почитувањето на човековите права.

„Ова особено вклучува гаранции за правично судење, како и заштита и еднаков третман на припадниците на немнозинските заедници во Косово“, се наведува во заедничката изјава на САД и ЕУ и се вели дека сите обврски од Брисел дијалогот мора целосно да се спроведе без одлагање.

Граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија е затворен од вечерта на 27 декември. Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово на својот официјален профил на Фејсбук објави дека „српските криминални групи го блокираа граничниот премин Мердаре“.

Овој премин, еден од граничните премини со Србија, косовската дијаспора го користи за влез и излез од Косово.

Претходно, на протестот на 22 декември во Рударе кај Звечани, Србите побараа ослободување на уапсените Срби, повлекување на „тајните списоци за апсење и убивање Срби“ и повлекување на специјалните единици на косовската полиција.

Видете и ова: Косово го ослободи од притвор поранешниот полицаец Дејан Пантиќ


Неколку групи Срби од Косово подигнаа барикади на северот на Косово на 10 декември, кога властите во Косово го приведоа поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ. Според денешната одлука на косовскиот суд, ден по поставувањето на блокади на Мердаре, Дејан Пантиќ треба да биде префрлен во домашен притвор.