Неизбирањето на судиите сẻ уште е сериозен проблем за Уставниот суд, но и дамка за угледот на државата, само затоа што пратениците се неодговорни спрема уставните обврски, рече денеска меѓу другото претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на завршната прес-конференција на која ги изнесе заклучоците од работењето на Судот во текот на 2022 година.
„Беа избрани двајца нови судии кон крајот на октомври, еден се пензионираше во декември, што значи во овој момент недостасува една третина од вкупно предвидениот број на судии во Уставниот суд и како последица на ова се повторува непосакуваниот исход, се соочуваме со состојба да остануваат предмети кои не добиваат мнозинство гласови, а следствено на тоа Уставниот суд не може во целост да ја оствари својата улога,“ изјави Кацарска.
Таа објасни дека во моментов поради недостиг на судии не е одлучено по вкупно 24 предмети, како и дека има и суштински важни предмети за граѓаните и за државата за кои, како што вели, е есенцијална дискусијата од сите девет судии, со што ќе се придонесе кон поквалитетна одлука.
Видете и ова: Фатмир Скендер и Татјана Васиќ - Бозаџиева избрани за уставни судииПратениците по неколку месеци дебата се уште не донеле одлука дали досегашниот државен обвинител Љубомир Јовески ќе стане уставен судија. До сега се избрани само кандидатите Фатмир Скендер и Татјана Васиќ – Бозаџиева. На гласањето во Собранието не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои сега го блокираат изборот на Јовески. Во меѓувреме во Собранието треба да пристигне уште еден предлог за уставен судија кој треба да дојде од Судскиот совет.
Кацарска на последната прес конференција од годинава изјави дека во моментов нема потреба од средба со повисоки инстанци за да обезбеди мнозинство од уставни судии. Таа повтори дека е силен поддржувач на воведувањето на уставната жалба.
„Ние го одиме патот кон Европа долги години, еве веќе почнавме и преговори. Ќе дојде и тој ден кога ќе побараат од нас воведување на уставна тужба и како што некаде се нарекува уставна жалба. И мој предлог е да час поскоро ја воведеме уставната жалба за да не се најдеме во ситуација да бидеме критикувани и повикувани зошто тој инструмент ние го немаме“, рече таа.
Видете и ова: На кого му одговара сега да не се изберат Уставни судии?Седумнаесет месеци највисокото судско тело во земјава работеше со минимален број на судии, затоа што на четворица од вкупно девет им истече мандатот уште во мај минатата година. Изборот започна уште кога недостасуваа тројца, но во меѓувреме , додека се чекаше на пратениците да одлучат на уште еден судија му истече мандатот.