Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 18:30 часот ќе се одржи промоцијата на новата книга на Љупчо Јолевски насловена „Неправилен ритам - Приказни од современата македонска музичка сцена“.
„Реткост е кога во македонската културна практика ќе се појави книга која си прави муабет (темелен, искрен, непосреден, внимателен и посебен) со музиката, како што е тоа оваа книга на нашиот познат проследувач, сведок, директен коментатор на комплетната музичка сегашност и минатост (се разбира, ќе биде и во иднина), новинарот, јас би рекла, познавачот на музиката Љупчо Јолевски“, пишува во рецензијата за книгата Ана Стојаноска, писателка, театролог, професорка.
На промоцијата на книгата дел од своите музички приказни ќе раскажат – Александра Поповска, Крсте Роџевски, Дарија Андовска, Суперхикс, Дробицки/Омерагиќ/Кондовски трио, Дориан Јовановиќ-Јордан Костов Дуо, САшо Поповски/Иван Бејков/Ратко Даутовски Трио и Дејан Спасовиќ Здух. Водител ќе биде Игор Трпчевски. Промоцијата се одржува во рамките на одбележувањето на петте децении од постоењето на Домот на млади односно на Младински културен центар - Скопје.
Јолевски, за четиридецениска интензивна и професионална работа во новинарството неодамна ја доби наградата „13 Ноември“ за 2022 година. Јолевски до пензионирањето, пред околу два месеци, долги години работеше како новинар во Радио Слободна Европа.