Косовскиот премиер Албин Курти на денешната седница на Владата изјави дека времето дадено на КФОР за отстранување на барикадите на северот на Косово полека истекува. Курти, како што пренесуваат приштинските медиуми, рекол дека „криминалците на север се обидуваат да го дестабилизираат регионот и да го нарушат територијалниот интегритет на Косово“. „Поставувањето барикади на патиштата нема да биде прифатено. КФОР побара време да реагира, но тоа време истекува. Имаме соработка и координација со КФОР. Едно е јасно, мора да се воспостави слобода на движење“, рече Курти.
Зошто повторно се разгоруваат етничките тензии во северно Косово
Од синоќа е затворен граничниот премин Мердаре поради поставување барикади во Србија на околу два километра од оваа граница, соопшти Националниот центар за гранично управување на Косово. Мердаре - еден од граничните премини со Србија - го користи косовската дијаспора за влез и излез од Косово. Министерството за надворешни работи на Косово ги советува граѓаните кои веќе влегле во Србија да ги користат граничните премини Мутивода и Деу и Барда или преку Скопје да тргнат кон граничниот премин Прешево. Вчера на северот на Косово беа подигнати нови барикади, едната во мултиетничката населба Бошњачка махала во Северна Митровица, а другата во Дудин Крс на мостот што ја поврзува Северна Митровица со главниот пат Приштина-Рашка, соопшти косовската полиција. Барикадата во Бошњачка Махала е прва поставена во Северна Митровица. Претходно барикади беа поставени територијата на другите три општини со српско мнозинство на север - Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток.