Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово во писмо до земјите од Европската унија (ЕУ) побара да преземат мерки против Србија, која, како што се вели, постојано се обидува да го дестабилизира северот на Косово, неодамна и со поставување барикади. Во писмото на три страници, меѓу другото се наведува: „Србија намерно се обидува да го дестабилизира Косово за да го спречи напредокот на дијалогот, особено во контекст на новопредложениот план на ЕУ (поддржан од Франција и Германија) за нормализирање на односите“.
Србија со зголемена борбената готовност, косовските Срби со нови барикади
Понатаму во документот испратен до ЕУ, МНР дава детали од 10 декември, кога, како што се вели, „српските криминални групи поставија барикади на улиците на северните општини“, па се до последните напади врз новинарите кои известуваа од север. Во писмото се споменува и нападот со „шок бомба“ врз припадници на ЕУЛЕКС и барањето на Србија за распоредување на српски трупи на Косово, „што морничаво потсетува на руската тактика за инвазија на суверена држава (Украина) под изговор за заштита на нивната „загрозена заедница“. Од Министерството велат дека косовските власти намерно сè уште не започнале со демонтирање на барикадите за да не се креваат тензии, туку побарале поддршка од мисијата КФОР.