Зарко, Ноле, Порфириј, Путин...
АВСТРАЛИЈА - Поранешниот светски рекет број 1 Новак Ѓоковиќ денеска пристигна во Австралија речиси една година откако беше депортиран затоа што одби да се вакцинира против ковид-19. Деветкратниот шампион на Австралија опен првично доби забрана за влез во земјата на три години, откако ја загуби правната битка со високи влогови во јануари годинава. Австралија потоа го укина барањето посетителите да покажат доказ за вакцинација против ковид-19.
МАКЕДОНИЈА - Од 28.12.2022 престанува да важи одлуката за бесплатен јавен градски превоз која времено беше донесена како една од пакетот мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот, информираа од ЈСП.
МАКЕДОНИЈА - ЕСМ Продажба потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас, пред сè поголемите производствени и услужни капацитети.
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека во Црното Море се откриени дополнителни 58 милијарди кубни метри природен гас, јави агенцијата Анадолија.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој се забранува продажба на руска сурова нафта на странски фирми и државјани кои го прифатија ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари за барел.
МАКЕДОНИЈА - Алијанса за Албанците денеска побара итно повлекување на учебникот по албански јазик за петто одделение, а заедно со него и „партискиот емисар именуван министер“. Оваа реакција следува откако беше објавено дека во лекцијата каде што учениците учат како правилно да пишуваат датуми и скратеници на земји или организации чии имиња се состојат од два, три или повеќе збора, меѓу другите, како пример се најде и кратенката ДУИ – Демократска унија за интеграција.
МАКЕДОНИЈА - Членови на ДУИ, кои се дел од т.н. „Огнена група“, денеска повторно упатија забелешки по однос на, според нив, неефикасното исполнување на партиската изборната програма 2020-2024 година и побараа од раководството на партијата „да ги повика на одговорност министрите од нивните редови во Владата, како и кадрите од пониските ешалони во власта“. Иако сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар, тие сепак ја поддржуваат ориентацијата на Владата и не го оспоруваат лидерството на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
МАКЕДОНИЈА - Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски пред пратениците на собраниска Комисија за надзор на работата на на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, речиси два часа реферираше за истрагата и пропустите околу случајот со македонско државјанство за контроверзниот Украинец Александар Онишченко. Пропустите во овој случај се државна тајна.
СРБИЈА - Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија разговара со претставници на меѓународната заедница во обид да се најде компромис во Косово. По средбата со српскиот патријарх Порфирије, Вучиќ истакна дека сега разговорите со претставниците на меѓународната заедница се тешки и динамични, бидејќи српската страна го застапува интересот на народот, кој, како што рече, не отишле на барикадите „затоа што им текнало“.
РУСИЈА - Двајца Руси починале во ист хотел во источниот индиски град Рајагада под мистериозни околности. Милионерот Павел Антов бил пронајден како лежи во локва крв пред хотелот на 24 декември, неколку дена откако друг Русин, Владимир Бајденов, кој го придружувал Антов, наводно починал од мозочен удар. Антов, кој наводно бил поранешен пратеник во Русија и кој бил во хотелот за да го прослави својот 65-ти роденден се верува дека починал откако паднал од третиот кат.