Патријарх Порфириј – Замислете да му забранат на Папата да влезе во Ватикан

Патријархот на Српската православна црква Порфириј

Ако некој му забранеше на Папата да влезе во Ватикан, цел свет ќе се кренеше на нозе, реагираше денеска патријархот на Српската православна црква Порфириј откако вчера му беше забранет влез на Косово.

„Ќе кажам само едно – дека Пеќската патријаршија е за нашиот народ, за секој поглавар на нашата црква, она што е Ватикан за Римокатоличката црква или за Латеран, и замислете сега некој без никаква причина, со во најмала рака комично објаснување, само затоа што чувствува желба, да му забрани на Папата да влезе во Ватикан или да го напушти Латеран“, рече патријархот на СПЦ по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Видете и ова: Србија со зголемена борбената готовност, косовските Срби со нови барикади

„Ова го велам затоа што сум сигурен дека целиот свет би се кренал на нозе“, нагласи тој и додаде дека „не постои под небеската капа никој кој нешто одлучува од своја позиција, да не би го кренал гласот и не би го заштитил правото на поглаварот на Римокатоличката црква“.

„Болен е тој факт или прашање – постои ли кој било поглавар на некоја верска заедница кој не може да го посети својот народ и своите верници и да влезе во својата куќа. Манастирот на Пеќската патријаршија е сопственост на Српската православна црква (СПЦ) и дом на поглаварот на Српската православна црква, на нејзиниот патријарх“, додаде тој.

Порфириј посочи дека вчера се обидел да оствари некои директни контакти со луѓе за кои смета дека можат да помогнат да се отстрани таквата „бесмислена, апсурдна и ирационална забрана“.

Патријархот додаде дека сакал, пред сè, да дојде во Пеќската патријаршија за да се помоли заедно со нив на Бога „за сиот наш народ на кој не му е воопшто лесно на Косово и Метохија, кој страда, како и за сите луѓе на светот, за мир во светот, а пред сè за меѓусебно разбирање, за соживот и за мир меѓу Албанците и Србите“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги обвини властите во Косово и дел од меѓународната заедница дека за цел имаат протерување на Србите од северот на Косово, „бидејќи тоа е единствениот начин за решавање на косовскиот проблем“.

СПЦ вчера соопшти дека патријархот Порфириј бил вратен од граничниот премин Мердаре.

Видете и ова: КФОР: го истражуваме инцидентот во Зубин Поток

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово претходно соопшти дека не му била забранета посета на Косово, туку било побарано да ги осуди или да се дистанцира од „делувањето на членови на црквата кои им пружаат поддршка на криминалните групи во северно Косово, кои се сметаат за одговорни за блокадите во“, наведе Министерството.

По апсењето на еден полицаец, Србин, косовските Срби подигнаа барикади на северот на земјата и бараат негово ослободување. Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемени.