Шефот на АНБ реферира пред пратениците за случајот Онишченко

Новиот директор на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски пред пратениците на собраниска Комисија за надзор на работата на на АНБ и на Агенцијата за разузнавање, речиси два часа реферираше за истрагата и пропустите околу случајот со македонско државјанство за контроверзниот Украинец Александар Онишченко.

Ова се случуваше зад затворени врати поради класифицираните информации околу истрагата. Пратениците заминаа на кратка пауза, односно да гласаат за кворум на собраниска седница, и по паузата предвидени се прашања на пратениците кон директорот Милошевски, брифираат собраниски извори.

Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Зарко Милошевски, кој е назначен за нов директор на АНБ и запирање на постапката за испраќање на Виктор Димовски за амбасадор во Париз, кој претходно беше шеф на институцијата.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ го повика Ковачевски да го разреши новиот директор на АНБ

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки обвинува дека Зарко Милошевски е најодговорен за давањето на македонско државјанство на Олександр Онишченко. Според него, Милошевски е функционерот од Агенцијата за национална безбедност - АНБ кој со свој потпис ја одобрил позитивната проверка пратена до МВР.

„Милошевски наместо да биде суспендиран и да се спроведе независна истрага за целиот случај, тој е именуван за директорт на АНБ од страна на Ковачевски, а со тоа тој може и да влијае на истрагата. Зарко Милошевски не чекал многу, и по назначувањето почнува да влијае на истрагата. Предмет на истрага биле двајца вработени во АНБ, но не и Милошевски, како крајно потпишан, а со тоа и најодговорен.“, изјави вчера Ковачки.

Според изјавите на претходникот на Милошевски, Димовски, внатрешната истрага на АНБ, вината ја лоцираше кај секторот за комуникација со стратешките партнери, кој бил „алката што направила пропуст бидејќи требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, а не го сториле тоа“.

Видете и ова: Пренџов- Седницата за Онишченко и АНБ не е завршена

Димовски тогаш изјави дека не чувствува одговорност. АНБ е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство.

Собраниската Комисија за оваа тема првично отвори дебата на 18 ноември, но седницата остана незавршена поради безбедносен пропуст кога дел од отчетот на сега веќе поранешниот директор Димовски беше објавен со аудио на јутјуб каналот на Собранието.

Украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Владата по објавувањето на аферата ја поништи одлуката за доделување на државјанство.