Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска оцени дека санкциите против Русија се успешни и заедно со политичката, финансиската и поддршката за Украина, носат ефекти и и отежнуваат на Русија да ја финансира војната додека руската економија ја губи способноста да се модернизира. „Целта на санкциите е да се намали способноста на Путин да ја финансира војната. И да се соочиме со тоа, Путин не беше во можност да ја продолжи почетната голема офанзива во Украина и сега е турнат на исток. Но, санкциите не се магичен одговор и тие самите нема да ја запрат војната. Санкциите се само една од алатките што ги користиме“, рече Борел во интервју за полската државна агенција ПАП.
Лавров: Западот и Украина сакаат да ја уништат Русија
„ЕУ го намали увозот на руска нафта за 90 отсто, ние го намаливме увозот на руски гас на рекордно ниско ниво. И да не заборавиме, не само ЕУ воведе санкции. Има 40 земји кои воведоа санкции, а тие претставуваат 50 отсто од глобалниот БДП“, рече тој. Шефот на европската дипломатија повтори дека ЕУ ќе и дава помош на Украина се додека ѝ е потребна, особено со финансирање на дел од основните потреби на населението, бидејќи според проценките направени во соработка со Меѓународниот монетарен фонд, на буџетот на Украина и недостасуваат три до четири милијарди евра месечно.
Единството на ЕУ околу санкциите врз Русија слабее
„Европската комисија предложи на Украина да и се додели дополнителна помош од 18 милијарди евра за 2023 година, што значи 1,5 милијарди месечно. Земјите членки го усвоија предлогот, а сега и Европскиот парламент мора да го усвои“, рече Борел. Во интервју за полска агенција, европскиот функционер не исклучува дека Русија може да прибегне кон нуклеарно оружје, но нагласи дека огромното мнозинство од меѓународната заедница нема да дозволи Русија да ја уценува.