Агенцијата за национална безбедност денеска треба да реферира пред собраниската Комисија за надзор над работата на безбедносните служби за активностите што ги презела во врска со континуираните дојави за поставени бомби, чија цел подолг период се училишта, трговски центри, но и други објекти. На дневен ред е и улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко при давањето позитивно мислење за добивање македонско државјанство. Станува збор за продолжение на седницата на која АНБ реферира за нејзината улога во безбедносната проверка на Онишченко.
МВР: Завршија проверките - лажни се сите дојави за бомби во училиштата
На втората седница, единствена точка на дневен ред е: „Информирање за преземените активности на Агенцијата за национална безбедност во врска со актуелните случувања со дојавите за поставени бомби во училиштата, трговските центри и други објекти“. Вчера за ова прашање расправаше собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Седницата беше од затворен тип, а на неа присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Дојавите за бомби, кои по антитерористичките проверки на МВР се покажаа како лажни, почнаа кон крајот на октомври. Оттогаш речиси секоја недела во последователни интервали од два-три дена преку електронска пошта пристигнуваат пораки со закани за поставени експлозивни направи. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во повеќе наврати изјави дека ваквите дојави се дел од т.н. хибридна војна што не се води само кај нас. На двете седници пред Комисијата се очекува да реферира новиот директор на АНБ, Зарко Милошевски.