Претседателот на Србија нареди да се подигне на највисоко ниво борбената готовност на Армијата и полицијата

Александар Вучиќ

Претседателот на Србија и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ нареди Армијата и сите единици на Министерството за внатрешни работи да бидат на највисоко ниво на борбена готовност.

„Претседателот на Србија, како врховен командант, вечерва нареди српските вооружени сили да бидат на највисоко ниво на борбена готовност, односно подготвеност до степен на употреба на вооружена сила“, објави српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.

„Ова не издигнува на највисоко ниво на дејствување што го спроведува српската армија, заштитувајќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и заштита на сите граѓани на Србија и спречувајќи тероризам и терор врз Србите каде и да живеат“, наведе Вучевиќ, додавајќи: „Нема причина за паника, но има причини за загриженост, бидејќи се чини дека Србија е единствената заинтересирана да разговара, за политички договори, да се сретне дури илјада пати додека не се најде некаков договор и решение. Другата страна е постојано прави еднострани потези, го подига тоа ниво на тензија и постојано води кон натамошна ескалација со, според мене, јасна цел за целосно етничко чистење на Косово и Метохија“.

И министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави дека наредил целосна борбена готовност на сите единици на МУП.

„Согласно наредбата на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата и вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, наредив целосна борбена готовност на сите единици на МУП, Жандармеријата, САЈ и Полициската бригада, во најскоро време, бидејќи се ставени под команда на началникот на Генералштабот и ги заземаат позициите предвидени оперативен план“, се наведува во писмената изјава на Гашиќ.

Приштинските власти засега не ги коментираат наводите на српските медиуми и на српскиот претседател, објави порталот Косев. Овој портал се обрати до Кабинетот на косовскиот премиер, до портпаролите на косовската влада како и до КФОР, но до објавувањето на веста по обраќањето на Вучиќ немаше никакви одговори. Претходно Вучиќ изјави дека „по вооружувањето на Албанците и подигнувањето на нивната борбена готовност“, ќе ги преземе „сите мерки“ за заштита на народот и зачувување на Србија. Во видеото објавено на неговиот Инстаграм профил, тој вели дека шефот на државата Србија прави „се што е можно“ за да ги зачува мирот и стабилноста.