Зеленски побара помош од премиерот на Индија за спроведување на „формулата за мир“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека побарал помош од Индија за спроведување на „формулата за мир“ за време на телефонскиот разговор со индискиот премиер Нарендра Моди на 26 декември.

Зеленски го објасни својот телефонски разговор со Моди во твит во кој рече дека сака Индија да има продуктивно претседавање со Групата 20 големи економии (Г20) и истакна дека минатиот месец им ја соопштил својата формула за мир на лидерите на групата.

„Сега сметам на учеството на Индија во неговото спроведување“, рече Зеленски.

Индија го презеде ротирачкото претседавање со Г20 на 1 декември и ќе ја има водечката улога во следната година.

Зеленски се обрати на самитот на Г20 во Индонезија во ноември, презентирајќи ја мировната формула на Украина од десет точки за тоа како да се стави крај на војната со Русија, барајќи од лидерите да ја усвојат.

Украина ќе побара исклучување на Русија од Советот за безбедност на ОН

Во соопштението што го пренесе Ројтерс, Владата на Индија наведува дека Зеленски и Моди разговарале за можностите за зајакнување на билатералната соработка. „Премиерот ги објасни врвните приоритети на индиското претседателство со Г20, вклучително и давањето глас на загриженоста на земјите во развој за прашања како што се безбедноста на храната и енергијата“. Моди, исто така, „силно го повтори“ својот повик за итен прекин на непријателствата во Украина и ја пренесе поддршката на Индија за сите мировни напори.

Во разговор претходно овој месец со рускиот претседател Владимир Путин, Моди повика на дијалог и дипломатија за да се стави крај на конфликтот.

Папата Франциск во божиќното обраќање повика на крај на војната во Украина

Разговорот на Зеленски со Моди доаѓа во време кога Индија, која експлицитно не ја осуди руската инвазија на Украина, се обидува да ги зајакне трговските односи со Москва.

Додека западните земји усвоија серија санкции и други мерки за ограничување на руското финансирање на војната, Индија стана водечки купувач на руска нафта. Министерот за надворешни работи на Индија рече дека Индија мора да се грижи за сопствените интереси и ја нарече Русија „постојан и проверен партнер“.