Министерството за образование и наука (МОН) вината за грешките во учебникот по историја за петто одделение ја префрла кај авторите и рецензентите на учебникот, за кои вели дека требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници.
„Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“, велат од Министерство за образование и наука.
МОН смета дека вината неосновано се префрла кај министерството.
„Должни сме да информираме дека по направените измени во учебникот кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите до Националната комисија за учебници на ЦД го имаат доставено учебникот заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата“, се наведува во соопштението од Министерство за образование и наука.
Ковачевски - Министерот за образование не ги пишува учебниците
Авторките на учебникот по историја за петто одделение, Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска претходно, на социјалните мрежи објавија и тврдеа дека станува збор за технички грешки и дека тие укажале на пропустите веднаш штом забележале, но дека затаиле другите филтри кои дозволиле да бидат испечатени учебниците.
Здружението на историчари побара итно да се повлече учебникот кој во себе содржи, како што рекоа сериозни исторски грешки, како што е периодизацијата на историјата, потоа и лажните факти, нејасни фрази и недостаток на историски наратив.
Учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение, меѓу кои и спорниот учебник по историја се дел од новата образовна програма. Министерството задоцни со нивното печатење, па учениците цело полугодие учеа од импровизирани учебници, за што од буџетот беа потрошени дополнителни 600 илјади евра.