Заврши седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го презентираше Извештајот за мерките и активностите кои МВР ги презело во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи.
„Од страна на министерот беа детално презентирани сите мерки и активности што МВР ги има преземено во делот на откривање и спречување на сите овие напади“, изјави претседателот на Комисијата Миле Талевски.
Тој вели дека информацијата што стигнала од страна на МВР била класифицирана како државна тајна и додаде дека жали што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во работата на Комисијата.
МВР: Завршија проверките - лажни се сите дојави за бомби во училиштата
Членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ пак одлучија да ја напуштат седницата поради тоа што, како што рекоа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот Талевски побарале седницата да биде затворена за јавноста.
„Денеска се докажа дека главата на организираниот висок криминал е во високите структури во МВР. Сметавме дека седницата може да се подели во два дела, односно во првиот дел да разговараме за отворени работи, кои не треба да бидат класифицирани. Побаравме да разговараме како е можно МВР да нема капацитет да открие лажни дојави за бомби. Побаравме тоа да биде тема за расправа, а во вториот дел да расправаме за сите информации кои министерот смета дека се класифицирани, но нашиот предлог не беше прифатен“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски
Тој додаде дека опозициските пратеници немале увид во Информацијата за превземени мерки и активности во врска со лажните дојави за поставени експлозивни направи, а информацијата што ја доставил министерот е класифицирана.