Бесплатен јавен превоз во Скопје поради загадениот воздух

Аерозагадување во Скопје

Поради енормното загадување на воздухот во Скопје, од денеска стапува на сила мерката за бесплатно користење на јавниот превоз.

Од Јавното Сообраќајно Претрпијатие (ЈСП) информираат дека согласно соопштението од Министерството за животна средина за надминување на прагот на алармирање на ПМ честичките, се активира мерката бесплатен јавен превоз.

„Мерката започнува да се применува од 26.12.2022 година, па се до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух“, соопштија од ЈСП.

Освен во Скопје, мерките и препораките против аерозагадувањето остануваат да важат и во Струмица. Во меѓувреме од министерството за животна средина соопштија дека согласно измерените вредности на штетните честички, мерките од денеска се укинуваат во Гостивар, Кичево и Кавадарци.

15 насто од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето

Скопје неколку дена по ред е на самиот врв по загаденост на воздухот во светски рамки. Големо загадување изминатите денови беше регистрирано и во другите градови низ државава.