Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Киев планира да повика Русија да биде отстранета од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации поради нејзините континуирани напади врз цивилната инфраструктура во војната против Украина. „Имаме многу едноставно прашање: дали Русија има право да остане постојана членка на Советот за безбедност на ОН и воопшто да биде во Обединетите нации? Имаме убедлив и аргументиран одговор – не“, изјави Кулеба, најавувајќи дека Украина официјално ќе го изрази својот став денеска. Тој додаде дека прашањето Русија да продолжи да го држи своето постојано место со право на вето во Советот за безбедност веќе се дискутира во дипломатските кругови на ОН.
Можни ли се преговори за ставање крај на војната во Украина?
Украинскиот министер за надворешни работи рече дека повеќе не е табу да се разговара за глобалната улога на Русија во случај таа да биде поразена во војната што ја започна против Украина во февруари. Русија е една од петте постојани членки - покрај Соединетите држави, Британија, Франција и Кина - на Советот за безбедност на ОН, со право на вето на секоја резолуција. Моќното тело со 15 места може да преземе бројни чекори за справување со глобалните кризи, вклучително и овластување за воена акција, одобрување промени во Повелбата на ОН и наметнување казнени мерки како што се санкции против одделни држави. Русија со недели е обвинета за кршење на меѓународното право со таргетирање на изворите на вода и електрична енергија во Украина поради падот на температурите. Киев ги нарече нападите, извршени со ракети и беспилотни летала, акти на „енергетски терор“ со цел да се лиши населението од греење во текот на зимата и да се скрши волјата на украинскиот народ. На 23 ноември Кулеба повика Русија да биде признаена како „терористичка држава“ по бранот ракетни напади насочени кон енергетските објекти во Киев и други украински градови.