Српскиот патријарх Порфирије тврди дека му било забрането да оди во Пеќската патријаршија

Српскиот патријарх Порфирије

Српската православна црква објави дека „властите во Приштина му забраниле на патријархот Порфирије да оди во Патријаршијата во Пеќ во пресрет на Божиќ“. Патријархот оцени дека станува збор за „крајно дискриминаторска одлука“, без да даде повеќе информации за тоа кој и на кој начин не му дозволил да замине на Косово, ниту кога точно била планирана посетата. Од Владата на Косово немаше информации дали на патријархот му било забрането да доаѓа во Пеќ. Пеќската патријаршија на Косово традиционално е местото каде што српските патријарси ја преземаат функцијата.

СПЦ по изборот на новиот патријарх Порфириј

Во изјавата на 25 декември, Порфирије ги повика „властите во Приштина да престанат да ги газат човековите права и верските слободи на православните Срби“ кои живеат на Косово. „Патријархот Порфирије не се откажува од намерата да служи божествена служба во Пеќката патријаршија и очекува оваа крајно дискриминаторска одлука да биде укината“, соопштија од неговиот кабинет. Соопштението на СПЦ доаѓа на 16-тиот ден на барикади и тензии на северот на Косово. Барикадите ги поставија Србите за да се спротивстават на апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Косовската полиција го уапси Пантиќ под сомнение дека учествувал во напад врз членови на Централната изборна комисија на северот на Косово.