Кина спроведе воени вежби во близина на Тајван

Илустрација

Кинеската војска соопшти дека денеска спровела „ударни вежби“ во морето и воздушниот простор околу Тајван. Според соопштението, вежбите се одговор на провокацијата од страна на островот и од САД.

Тајван, за кој Кина тврди дека е негова територија соопшти дека вежбите покажале дека Пекинг го уништува регионалниот мир и се обидува да го омаловажи народот на Тајван.

Кина организираше воени игри околу Тајван во август по посетата на Тајпеј од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Кина вчера ги осуди Соединетите држави за новиот закон за овластувања во одбраната, кој ја зголемува воената помош за Тајван.

Во кусото соопштение, Народноослободителната војска на Кина соопшти дека извршила вежби иако не ја прецизираше точната локација.

„Ова е решителен одговор на сегашната ескалација на дослух и провокација од Соединетите Држави и Тајван“, се додава, без да се наведат детали.

Оттаму наведуваат и дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за одлучна одбрана на националниот суверенитет и територијалниот интегритет.

Видете и ова: Кина испратила 39 авиони и три брода во правец на Тајван

Тајванското Министерство за одбрана рече дека активностите на Кина „уште еднаш го истакнуваат нејзиниот менталитет за решавање на разликите со сила и уништување на регионалниот мир и стабилност“.

„Соработката меѓу Тајван и САД придонесува за слободата, отвореноста, мирот и стабилноста на Индо-Пацификот, а Тајван ќе продолжи да ја засилува својата војска во согласност со непријателската закана и потребите за самоодбрана“, соопшти министерството.

Тајван се жали на кинеските воени активности во близина на островот во последните три години, додека Пекинг се обидува да изврши притисок врз Тајпеј да го прифати кинескиот суверенитет.