Са затвораат невладини организации во Авганистан по забраната жени да работат во нив

Илустрација

Три големи меѓународни хуманитарни групи денеска ги прекинаа своите операции во Авганистан по одлуката на власта предводена од талибанците во земјата да им забрани на жените да работат во невладини организации.

„Save the Children“, „Норвешкиот совет за бегалци“ и „CARE“ соопштија дека нема да можат ефективно да допрат до деца, жени и мажи доколку во нивните организации не работат жени.

Забраната на невладините организации беше воведена вчера, наводно затоа што жените не ја носеле правилно исламската шамија.

Трите невладини организации обезбедуваат здравствена заштита, образование, заштита на децата и поддршка.

„Ние ги почитувавме сите културни норми и едноставно не можеме да работиме без нашиот посветен женски персонал, кој е од суштинско значење за да пристапиме до жените на кои очајно им е потребна помош“, изјави Нил Тарнер, шеф на Норвешкиот совет за бегалци за Авганистан.

Тој рече дека организацијата има 468 работнички во земјата.

Високи функционери на Обединетите нации и десетици невладини организации кои работат во Авганистан денеска имаат средба во Кабул за одлуката на талибанците да им наложат на сите невладини организации да ги спречат жените да работат, соопштија претставници на хуманитарната организација.

Одлуката наиде на меѓународна осуда, при што владите и организациите предупредуваат на влијанието врз хуманитарните услуги во земја каде што милиони се потпираат на помош.