Папата Франциск во божиќното обраќање повика на крај на војната во Украина

Папата Франциск за време на обраќањето.

Папата Франциск повика на крај на војната во Украина и другите конфликти во својата божиќна порака, велејќи дека светот страда од „глад за мирот“.

Тој исто така ги повика луѓето да гледаат подалеку од „плиткиот празничен сјај“ и да им помогнат на бездомниците, имигрантите, бегалците и сиромашните.

„Да ги видиме лицата на сите оние деца кои насекаде во светот копнеат по мир“, рече тој, говорејќи од централниот балкон на базиликата Свети Петар, истото место од кое првпат излезе во јавност како папа кога беше избран на 13 март 2013 година.

„Да ги видиме и лицата на нашите украински браќа и сестри кои го доживуваат овој Божиќ во мрак и студ, далеку од нивните домови поради уништувањето предизвикано од десетмесечната војна“, рече тој, говорејќи пред десетици илјади луѓе.

Видете и ова: Зеленски во обраќањето за Божиќ им вети слобода на Украинците


Тој зборуваше по само неколку часа откако сирените за воздушен напад беа активирани низ Украина и еден ден откако Киев рече дека во рускиот напад врз неодамна ослободениот град Херсон загинале најмалку пет лица.

„Господ нека не инспирира да понудиме конкретни гестови на солидарност за да им помогнеме на сите оние кои страдаат и нека ги просветли умовите на оние кои имаат моќ да го замолчат громот на оружјето и веднаш да стават крај на оваа бесмислена војна!“ рече папата.

Конфликтот во Украина, според него, не треба да ја намали загриженоста за луѓето чии животи се уништени од други конфликти или хуманитарни кризи, именувајќи ги меѓу другото Сирија, Мјанмар, Иран, Хаити и регионот Сахел во Африка.

„Нашето време доживува тежок глад за мир..“, рече тој.

Франциск повика на продолжување на дијалогот меѓу Израелците и Палестинците во Светата земја, местото на раѓање на Исус.

Оваа година е забележано најлошото ниво на насилство на Западниот Брег, окупиран од Израел, во повеќе од една деценија, со најмалку 150 Палестинци и повеќе од 20 Израелци убиени.

Папата повторно ја осуди употребата на храната како оружје за војна, велејќи дека војната во Украина доведе во ризик од глад милиони луѓе од глад, спомнувајќи ги Авганистан и земјите од Африка.