Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција го повика премиерот Димитар Ковачевски да го разреши Зарко Милошевски, бидејќи „во спротивно ќе ја потврди директната поврзаност, односно дека и тој лично е дел од шемата за давањето на македонско државјанство на Олександр Онишченко“.
„Зарко Милошевски не треба ниту ден повеќе да биде на чело на АНБ. Во јавноста излезе документ од кој се гледа дека токму Милошевски ја одобрил позитивната проверка за Онишченко, со која се потврдува дека тој не е безбедносен ризик за државата. Доколку Зарко Милошевски како одоговорно лице во АНБ не ја одобрел позитивната проверка, Онишченко немало да добие Македонско државјанство“, рече Ковачки.
Ако Ковачевски не е директно вмешан како последен во алката, според Ковачки, тогаш веднаш да го разреши Зарко Милошевски од позицијата директор на АНБ, и да го запре именувањето на Виктор Димовски за амбасадор во Париз.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ: Новиот директор на АНБ го заташкува случајот со ОнишченкоМилошевски на 14 декември беше назначен за нов директор на Агенцијата за национална безбедност, а Димовски претходно беше шеф на институцијата.
Премиерот Ковачевски изјави дека истрагата за Онишченко ќе треба да ја доврши новото раководство на АНБ, да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница и потоа да можат да се преземаат соодветни чекори согласно со наводите од таа истрага.
Владата ја поништи одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Онишченко, чие име е на црната листа на САД. Онишченко е на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, а доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација.