Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе ја „врати слободата“ на народот на Украина во обраќање на нацијата на Божиќ, само неколку часа по новата рунда руски напади во кои загинаа најмалку 10 лица, а беа ранети повеќе од 60 други.
Тој ги повика Украинците да истраат низ тешка зима „и покрај смртта и уништувањето, прекините на струја и постојаната закана од руски напади“.
„Слободата има висока цена, ропството има уште повисока цена“, рече Зеленски во видео пораката објавена доцна синоќа.
„Да ја пребродиме оваа зима бидејќи знаеме за што се бориме“, рече тој.
Претседателот им оддаде почит на Украинците кои го поминуваат Божиќ во руско заробеништво и на оние кои морале да побегнат во странство поради инвазијата.
Видете и ова: Најмалку 5 лица загинале во напад врз украинскиот град ХерсонСамо неколку часа пред обраќањето на Зеленски, најмалку 10 лица беа убиени, а околу 60 други ранети во руските напади во јужниот пристанишен град Херсон. Претседателот го осуди нападот, нарекувајќи го чин на терор, чија цел биле цивили во пресрет на Божиќ.
Зеленски ги сподели фотографиите од местото на нападот на кои се прикажани крвави тела на тротоарите, запалени возила и големи облаци црн чад што се издигаат од близина на станбен блок.
„Тоа е вистинскиот живот на Украина и Украинците“, напиша претседателот на својот профил на Телеграм вчера и ги обвини руските сили дека „убиваат заради заплашување и задоволство“.
Повеќето Украинци се православни христијани и со векови го одбележуваат Божиќ на 7 јануари, како во Русија. Но, по руската инвазија на земјата, Православната црква на Украина им дозволи да го прослават Божиќ на 25 декември заедно со поголемиот дел од западниот свет.