ВМРО-ДПМНЕ: Новиот директор на АНБ го заташкува случајот со Онишченко

Зарко Милошевски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција изјави дека Зарко Милошевски е најодговорен за давањето на македонско државјанство на Олександр Онишченко. Според него, Милошевски е функционерот од Агенцијата за национална безбедност - АНБ кој со свој потпис ја одобрил позитивната проверка пратена до МВР.

„Милошевски наместо да биде суспендиран и да се спроведе независна истрага за целиот случај, тој е именуван за директорт на АНБ од страна на Ковачевски, а со тоа тој може и да влијае на истрагата. Зарко Милошевски не чекал многу, и по назначувањето почнува да влијае на истрагата. Предмет на истрага биле двајца вработени во АНБ, но не и Милошевски, како крајно потпишан, а со тоа и најодговорен.“, рече Ковачки.

Видете и ова: Владата назначи нов директор на Агенцијата за национална безбедност

Тој додаде дека Милошевски ја расформирал дисциплинската комисија која веќе работела на случајот и формирал нова комисија.

„Формирањето на нова Комисија составена од блиски луѓе на Зарко Милошевски има само за цел да ја заташка реалната истрага. Зарко Милошевски знае дека е директно одговорен во постапката за давање на државјанство на Онишченко, бидејќи тој ја одобрил позитивната проверка, а Виктор Димовски го потпишал актот што тој го одобрил“, посочи Ковачки.

Тој притоа побара оставка од Зарко Милошевски, кој е назначен за нов директор на АНБ и запирање на постапката за испраќање на Виктор Димовски за амбасадор во Париз, кој претходно беше шеф на институцијата. Владата на 14 декември го назначи Милошевски за нов директор на АНБ.

Видете и ова: Ковачевски: истрагата за Онишченко ќе ја продолжи новото раководство на АНБ

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека истрагата за Онишченко ќе треба да ја доврши новото раководство на АНБ, да реферира пред Собранието и пред Владата на затворена седница и потоа да можат да се преземаат соодветни чекори согласно со наводите од таа истрага.

Владата ја поништи одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Онишченко, чие име е на црната листа на САД. Онишченко е на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, а доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација.