Рускиот претседател Владимир Путин го одликуваше рускиот амбасадор во Србија Александар Боcан-Карченко со oрден Александар Невски.
Боцан-Карченко е награден „за големи заслуги во реализацијата на надворешнополитичкиот курс на Руската Федерација и долгогодишна совесна дипломатска служба“, според указот на рускиот претседател, пренесува агенцијата Бета.
Орденот Александар Невски се доделува на државјани на Русија кои вршат функции во државната служба за посебни лични заслуги кон татковината, долгогодишна совесна служба и високи резултати постигнати во службените должности, како и за зајакнување на меѓународната власт на Русија.
Србија, заедно со Турција, е единствената земја кандидат за членство во ЕУ која не се приклучи на санкциите против Русија, откако таа земја започна инвазија на Украина на 24 февруари.
Поради ова со месеци е мета на критики од официјален Брисел.
Од почетокот на инвазијата на Украина, рускиот амбасадор во Србија нагласи дека „нема и не може да има никаква промена во ставот на Руската Федерација во однос на косовското прашање“, и покрај тоа што Русија анектираше делови од Украина.
На 26 април рускиот претседател го спореди Косово со два сепаратистички региони во Украина, Доњецк и Луганск, попознати како Донбас. Русија, како и Србија, не ја признава независноста на Косово.
Боцан-Карченко го напушти Конгресот на Социјалистичката партија на Србија во средината на декември поради видео обраќањето на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во кое тој ја осудува руската инвазија на Украина.
И покрај тоа што гласаше за сите резолуции на ОН за Украина, Србија во ноември за прв пат се воздржа од осуда на руската агресија врз Украина.
Рускиот државен медиум Раша Тудеј од ноември работи во Србија на српски јазик. РТ, како медиум контролиран од Кремљ и финансиран од државниот буџет, е забранет да емитува програма во Европската унија од март 2022 година.
Александар Боцан Харченко е руски амбасадор во Србија од јули 2019 година.