Студентките на универзитетите во Авганистан почнаа да ги напуштаат своите домови откако владата предводена од Талибанците соопшти дека жените повеќе нема да можат да бараат високо образование во земјата.
Ахмед Зија Хашеми, портпарол на Министерството за високо образование, потврди дека процесот на напуштање на жените од студентските домови е започнат.
„Универзитетите се затворени, па што прават [жените] во студентските домови?“, напиша тој.
Голем број студентки во Кабул и Нангархар изјавија дека талибанците им рекле дека нивните универзитети се затворени и треба да си одат дома.
Талибанците ја објавија одлуката да им забранат на жените да одат на универзитети на 20 декември во писмо од Министерството за високо образование до високообразовните институции, што наиде на итна осуда од меѓународната заедница и Обединетите нации.
Министерот за високо образование Нида Мохамад Надим на 22 декември изјави дека забраната е неопходна за да се спречи мешањето на половите на универзитетите и затоа што верува дека некои предмети што се изучуваат ги прекршуваат принципите на исламот. Тој, исто така, рече дека студентките ги игнорирале исламските упатства, вклучително и што да носат, и дека не биле придружувани од машки роднини кога патувале.
Забраната е во сила до понатамошно известување, додаде тој.
Забранатаза жените да посетуваат универзитет е последен напад врз жените откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во август минатата година, додека силите предводени од САД забразано се повлекуваа од земјата зафатена од војна.
Талибанците претходно им забрануваа на девојчињата да одат на училиште после шесто одделение, им ограничија на жените да работат на повеќето работни места и им наредија да се покриваат од глава до пети кога се во јавност. На жените им е забранет и влез во паркови и спортски сали.