На електронските адреси на 19 училишта во Скопје денеска попладне била упатена закана за поставена експлозивна направа, потврдија од МВР.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, соопштија од полицијата од каде по проверката потврдија дека се работи за лажни дојави.
Видете и ова: Кривична пријава за малолетник кој испраќал лажни дојави за бомби во КавадарциВеќе два месеци стигнуваат дојави за бомби во училишта, за кои по проверката полицијата утврдува дека се лажни. Првата ваква дојава стигна на крајот на октомври, а веќе во декември тие се проширија и на трговски центри, приватни згради и стратешки објекти како скопскиот аеродром, Транспортниот центар во Скопје, зградата на Министерството за надворешни работи.
Досега во два наврати има поднесено кривични пријави против двајца малолетници. Едниот малолетник признал пред полицијата дека испратил мејлови со закани за поставени бомби до училиштата во Скопје на 4 ноември. Во вториот случај кривична пријава заработи малолетник за испраќање на дојавите во Кавадарци.
За сите вакви дојави досега се утврди дека се лажни.