Турција и Саудиска Арабија ја осудуваат забраната на Талибанците за жени на универзитетите

илустрација

Земјите со мнозинско муслиманско население Турција и Саудиска Арабија ја осудија одлуката на талибанските власти да им забранат на жените да одат на универзитети, додека околу дваесетина жени организираа протести на улиците на Кабул.

Во друг протест, неколку авганистански играчи на крикет, ја осудија забраната на жените да одат на универзитети. Крикетот е исклучително популарен спорт во Авганистан, а играчите имаат стотици илјади следбеници на социјалните мрежи.

Талибанските лидери претходно оваа недела им наредија на жените да престанат да посетуваат приватни и јавни универзитети. Оваа забрана стапува во сила веднаш и останува во сила до понатамошно известување.

И покрај тоа што првично ветуваа поблаги правила за почитување на жените и малцинствата, Талибанците нашироко го применуваат нивното толкување на исламскиот закон, или шеријатот, откако ја презедоа власта во август 2021 година.

Видете и ова: Талибанците им забранија на жените во Авганистан да студираат

Тие им забранија на девојките да одат во средно училиште, на жените им ги забранија повеќето работни места и им наредија да носат облека од глава до пети на јавни места. На жените им е забрането и да влегуваат во паркови и спортски сали.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека забраната не е „ниту исламска, ниту хумана“. Говорејќи на заедничката прес-конференција со јеменскиот министер, Чавушоглу ги повика Талибанците да ја повлечат својата одлука.

Саудиска Арабија, која до 2019 година спроведуваше сеопфатни ограничувања за патувањето на жените, вработувањето и другите клучни аспекти од нивниот секојдневен живот, вклучително и возењето, исто така ги повика Талибанците да ja променат одлуката.