Косовската полиција соопшти дека ги следи наводите во одредени медиуми за „киднапирања, тепања и малтретирање на одредени припадници на српската заедница од страна на членови на криминални структури на северот“. Се додава дека полицијата „сериозно се однесува кон ваквите информации и ги презема потребните истражни дејствија“. Во соопштението нема прецизни информации за какви киднапирања или тепања станува збор.
Вучиќ - Барикадите ќе бидат отстранети кога ќе се формира Заедницата на српски општини во Косово
Во последните две недели, врз основа на податоците на Здружението на новинари на Косово и локалните медиуми, има пет напади врз медиумски работници на северот. На северот на Косово живее мнозинско српско население, а од 10 декември се подигнуваат барикади поради апсењето на Дејан Пантиќ. Станува збор за поранешен косовски полицаец, кој е обвинет за учество во нападот во просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица. Косовската полиција наведува и дека ја зголемила безбедноста на север поради „закани по безбедноста на граѓаните на север“.
КФОР - Неприфатливо е насилството на северот од Косово
Косовската полиција претходно распореди дополнителни службеници во мултиетничката Бошњачка Махала во Северна Митровица по серијата инциденти што се случија на почетокот на декември. Припадниците на српската заедница на почетокот на ноември ја напуштија косовската полиција на север поради незадоволство од одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација од српски во косовски регистарски таблички.