Американскиот претседател Џо Бајден го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа на 21 декември. Бајден вети дека ќе ја зајакне поддршката за Украина и му порача дека САД поддржуваат „праведен мир“ за Украина
„Чест е да се биде на ваша страна“, му рече Бајден на Зеленски, пред двајцата лидери да ја започнат средбата во Овалната соба. Украинците го „инспирираат светот“ во нивната борба за слобода и демократија, додаде Бајден.
Американскиот претседател, исто така, вети дека ќе продолжи да испраќа финансиска, воена и хуманитарна помош за Украина, аи Зеленски изрази благодарност „од срце“ за американската поддршка.
Ова е првото патување на Зеленски во странство од почетокот на руската инвазија врз неговата земја. Посета доаѓа во време кога Конгресот се подготвува да гласа за сеопфатниот нацрт-закон за трошоци што вклучува одредба за доделување на повеќе од 40 милијарди долари дополнителна воена помош за Украина.
Зеленски пристигна во Белата куќа во џемпер и панталони во воен сил со маслинесто зелена боја. Тој беше пречекан од Бајден и првата дама Џил Бајден.
По пристигнувањето на Зеленски, САД ја најавија својата најголема поединечна испорака на оружје за Украина, вклучително и ракетите земја-воздух Патриот. Во соопштението на Стејт департментот се вели дека ракетните системи се „способни да соборуваат крстосувачки ракети, балистички ракети со краток дострел и авиони на значително повисок плафон од претходно обезбедените системи за противвоздушна одбрана“.