Од Ковачевски до Маск, од Бутел до Белата куќа
МАКЕДОНИЈА - Вселенскиот патријарх Вартоломеј оваа година прв пат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, со тоа што на православните христијани во земјава им го честита Христовото раѓање на мајчиниот јазик. Тој испрати божиќно послание до православните христијани во светот, од кои некои Божиќ го празнуваат на 25 декември, додека оние кои се водат по Јулијанскиот календар на 7 јануари.
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека барикадите на северот на Косово ќе бидат отстранети кога Косово ќе ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО).
РУСИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, вели дека водачот на озлогласената платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, регрутирал десетици затвореници од казнената колонија каде што е сместен Навални. Тој се наоѓа во казнена колонија во Владимирската област, 70 километри источно од Москва.
ЕУ - Европската унија (ЕУ) би можела да размисли за стопирање на евроинтеграциите на Црна Гора доколку до крајот на јануари не се воспостави функционален Уставен суд и доколку парламентарното мнозинство формира нова Влада врз основа на контроверзните измени на Законот за претседател.
МАКЕДОНИЈА - Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против три лица во случјаот Империја. Во истрагата биле опфатени 19 луѓе. Обвинение е поднесено против сопственикот на Пелистерка, Цветан Панделески, против бизнисменот Зоранчо Митревски и брокерот Јованче Тасковски.
КОСОВО - Неприфатливи се употребата на насилство и агресивното однесување на северот на Косово со цел да се влијае на политички одлуки, соопшти меѓународната мировна мисија на НАТО на Косово – КФОР.
МАКЕДОНИЈА - Не е донесена одлука да не се извршуваат погреби на празниците Свети Никола, во саботите кога е задушница, на првиот ден на Божиќ и Велигден, соопштија од скопската православна епархија при МПЦ – ОА. За можноста на овие празници да нема погреби се разговарало меѓу свештенството и погребното претпријатие во Скопје, АД Бутел“, но таква одлука не била донесена.
МАКЕДОНИЈА - Службите што водат истраги треба да проверат дали новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски бил вмешан во случаите„ Онишченко“, „Диво насиље“ и „27 Април“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако таквите тврдење ги изнесе опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
УКРАИНА - Лидерот на полската владејачка партија Право и правда, Јарослав Качински изјави дека Варшава треба да земе длабок здив кога станува збор за помошта во оружје за Украина. „Поддршката на Украинците е приоритет, но мораме да размислуваме и за нашиот одбранбен потенцијал. Нашата прва задача е да ја елиминираме или барем радикално да ја намалиме можноста на војната да се прошири и во нашата земја“, рече Качињски во интервјуто за новиот број на провладиниот неделник Газета полска.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на денешниот состанок во руското Министерство за одбрана изјави дека НАТО го употребува целиот потенцијал против Русија и им порача на присутните дека треба да го анализираат искуството на НАТО. Тој додаде дека Русија ќе продолжи да подобрува борбената готовност на нуклеарните сили и оти во најблиска иднина ќе бидат распоредени интербалистичките ракети „Сармат“.
САД - Милијардерот Илон Маск изјави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на Twitter Inc штом најде негова замена, но сепак ќе раководи со некои клучни делови на платформата за социјалните медиуми. „Ќе поднесам оставка од функцијата извршен директор штом најдам некој доволно глупав да ја преземе работата! После тоа, само ќе ги водам тимовите за софтвер и сервери“, напиша Маск на Твитер.
САД - Претседателот Џо Бајден го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа на неговата прва посета надвор од Украина откако Русија ја започна инвазијата на земјата во февруари.