Вселенскиот патријарх Вартоломеј оваа година прв пат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, со тоа што на православните христијани во земјава им го честита Христовото раѓање на мајчиниот јазик. Тој испрати божиќно послание до православните христијани во светот, од кои некои Божиќ го празнуваат на 25 декември, додека оние кои се водат по Јулијанскиот календар на 7 јануари.
„Никогаш во историјата на човештвото, мирот помеѓу народите не бил состојба што се подразбира, туку секаде и секогаш бил последица на вдахновени иницијативи, храброст и саможртва, отпор кон насилието и отфрлање на војната како средство за решавање на разликите, трајна борба за правда и заштита на човековото достоинство, нагласува Вартоломеј во посланието.
На 12 јуни годинава во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија, Партијархот Вартоломеј и Архиепископот Стефан одржаа заедничка богослужба, а поглаварот на МПЦ, Стефан литургијата ја водеше на македонски јазик.
МПЦ – ОА по повеќе од половина век се врати во канонско единство со останатиот православен свет и доби томос за автокефалност од Српската православна црква.
Сега останува уште да се реши и прашањето на името – како во иднина ќе се вика Македонската православна црква – Охридска архиепископија.