Брисел предупредува - ЕУ може да ги запре преговорите со Црна Гора

Подгорица, Црна Гора - Александар Шаленберг и Тања Фајон со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ

Европската унија (ЕУ) би можела да размисли за стопирање на евроинтеграциите на Црна Гора доколку до крајот на јануари не се воспостави функционален Уставен суд и доколку парламентарното мнозинство формира нова Влада врз основа на контроверзните измени на Законот за претседател.

Ваквата порака доаѓа од сојузниот министер за европски и за меѓународни работи на Австрија, Александар Шаленберг и министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон. Тие беа овластени од високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, денеска да ја посетат Црна Гора.

Шаленберг и Фајон се сретнаа со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со претседателката на Собранието Данијела Ѓуровиќ и со техничкиот премиер Дритан Абазовиќ, по што одржаа прес-конференција.

Црногорскиот Уставен суд со месеци е без кворум, бидејќи по пензионирањето на дел од судиите сега функционира со тројца, а треба да има вкупно седум.

Исто така, Владата на премиерот Дритан Абазовиќ се уште е во технички мандат, иако и беше изгласана недоверба на 20 август.

Парламентарното мнозинство со 41 од вкупно 81 пратеник, составено од просрпскиот и прорускиот Демократски фронт (ДФ), Демократите и Граѓанското движење УРА, не достави до претседателот Ѓукановиќ потписи за поддршка на нивниот предлог за нов мандат во законскиот рок.

Поради тоа, Ѓукановиќ одби да му го додели мандатот на нивниот кандидат Миодраг Лекиќ. За возврат парламентарното мнозинство предложи измени во Законот за претседател, со кои неговите овластувања во областа на именување на мандатари се пренесуваат на Собранието.

И покрај оценките од ЕУ, САД и Венецијанската комисија - советодавното тело на Советот на Европа, дека се работи за неуставен амандман, Собранието по вторпат го усвои Законот.

Видете и ова: Ѓукановиќ ја обвини власта дека е неодговорна кон националните интереси и ја игнорира Европа

Фајон вели дека сериозно ќе размислат за соработка со влада која би се формирала врз основа на спорниот Закон за претседател.

„Ако Црна Гора не создаде функционални институции и излезе од оваа политичка криза, со итен Уставен суд, тоа значи дека во Брисел во јануари или февруари би можеле да размислиме како евентуално да го запреме целиот процес“, предупреди Фајон.

По разговорот со европските пратеници, Ѓукановиќ оцени дека посетата на Шаленберг и Фајон е „последниот повик за будење за Црна Гора доколку сака да ја зачува својата европска иднина“.

Премиерот Абазовиќ, пак, побара итно да се изберат судии на Уставниот суд.