Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против три лица во случјаот Империја. Во истрагата биле опфатени 19 луѓе. Обвинение е поднесено против сопственикот на Пелистерка, Цветан Панделески, против бизнисменот Зоранчо Митревски и брокерот Јованче Тасковски.
Тројцата се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување и за перење пари и други приноси од казниво дело, освен овие кривични дела на товар на прво и на третообвинетиот им се става и кривичното дело измама.
Осомничени во овој предмет беа и бизнисменот Орце Камчев и поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, но тие се спогодија со судот, признаа вина, се одрекоа од дел до својот имот во замена за мали затворски казни.
Истрагата се водеше поради сомневање за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во фокус на истрагата беа четири фирми- Ексико, Фершпед, Бетон Штип и Финзи.
Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“
Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.
Од досегашните постапки во предметот „Империја“, освен Обвинителниот акт против три лица, како што информира Обвинителство, произлегоа и пресуди за седум лица врз основа на предлог спогодби.
За дел од лицата е запрена истражната постапка, за дел прекината, а за три лица е решено да нема кривично гонење.
За овој предмет во корист на државата е конфискуван имот во вредност од 10.676.653,00 евра, а со Обвинителниот акт е доставен и предлог во корист на државата од тројцата обвинети да се конфискува имот во вредност од околу 4.7 милони евра.