Неприфатливи се употребата на насилство и агресивното однесување на северот на Косово со цел да се влијае на политички одлуки, соопшти меѓународната мировна мисија на НАТО на Косово – КФОР.
Во соопштението се наведува дека таквото однесување се смета за провокација и се додава дека на сите е одговорноста да се гарантира безбедност во регионот.
Реакцијата доаѓа за време на кризата на северот на откако локалното српско население постави барикади во знак на протест поради апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.
Властите на Косово наведуваат дека Пантиќ е осомничен за организирање на „терористички напад“ на канцеларијата на Централната изборна комисија на северот на 6 декември.
Косовските власти тврдат дека имаат капацитет да ги отстранат барикадите на северот, но дека оставаат време на КФОР тоа да се направи по мирен пат.
Командант на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча, изјави дека мисијата на НАТО преку своите механизми го одвраќа насилството и дека се стреми да обезбеди услови за натамошен политички дијалог меѓу Приштина и Белград.
Видете и ова: Вучевиќ: најавата за насилно отстранување на барикадите е општа закана за Србите
Се додава и дека КФОР го зголеми своето присуство во Јариње поради можното присуство на „организирани криминални групи“.
Група ултрадесничари на 18 декември од српска страна протестираа кај преминот Јариње, при што во еден момент беше пробиен полицискиот кордон. Потоа дојде до конфликт, но десничарите сепак беа спречени да тргнат кон косовската страна на границата, каде што беа присутни и припадниците на КФОР.