Кризата најверојатно ќе продолжи и во 2023 година и тешко е да се предвиди во која насока ќе се развиваат работите, изјави денеска постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан, на конференцијата „Поглед подалеку“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Обединетите нации.
„Една од работите на кои треба да се посвети внимание е сивата економија, која според истражувањата изнесува некаде околу 35 отсто, да влезе во системот, да се плаќаат даноци. Втора работа е поттик на малите и средни претпријатија и регионалната соработка“, рече Григорјан.
Цел на агенциите на Обединетите нации, УНДП, ФАО и УНИЦЕФ, е заедно со националните и меѓународните партнери, да се изнајдат одржливи и долгорочни решенија за потребите на ранливите групи и истовремено ќе подржат раст и развој, во услови на висока инфлација и скромни финансиски ресурси.
Видете и ова: Храната на берзите поевтинува, во Македонија цените растатПодатоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во ноември биле за 19,5 отсто повисоки од истиот месец минатата година. Според Еуростат, повисока инфлација во Европа имаат само Унгарија и Балтичките држави – Естонија, Литванија и Летонија, каде што инфлацијата е меѓу 21 и 22 проценти.
Заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, посочи дека шоковите од растот на цените несразмерно ги погодуваат домаќинствата со повеќе деца и посиромашните семејства.
„Зголемувањето на цените на храната им остава на овие семејства многу малку средства за подмирување на другите основни потреби“, рече Ајвазов.
Тој посочи дека Владата треба да размисли за дополнителни мерки со цел да го намали товарот врз децата и другите ранливи групи, вклучително и со проширување на пристапот и обемот на постоечките парични трансфери и да осигура дека буџетската криза нема да ги наруши основните услуги во здравствената и социјалната заштита и образованието.