Повеќе од една година Европа ја доживува најголемата епидемија на птичји грип досега забележана на нејзина почва, објавија европските здравствени власти, додавајќи дека 50 милиони живина се убиени во заразените фарми. „Од октомври 2021 година до септември 2022 година, Европа беше погодена од најголемата епидемија на високопатоген птичји грип“, се вели во извештајот на Европската управа за безбедност на храната. Во извештајот се додава дека 37 европски земји се погодени од вирусот.
Во Кина регистриран прв случај на птичји грип Х10Н3 кај човек
Се проценува дека бројот на заразени живина, кокошки, мисирки и патки е многу поголем од 50-те милиони животни убиени превентивно. Во периодот од 10 септември до 2 декември 2022 година, забележани се речиси 400 епидемии на фарми во 18 европски земји. Најпогодени се Франција, Британија и Унгарија. Вирусот е откриен и кај дивите птици, особено кај водните птици, како што се патките и лебедите, а тоа веројатно придонело за ширење на птичјиот грип на фармите, се додава во извештајот.