Талибанските власти одлучија да им забранат на жените да студираат на сите јавни и приватни универзтитети во Авганистан. Одлуката ја соопшти портпаролот на талибанската влада, а министерството за високо образование испратило известување до сите јавни и приватни високообразовни институции дека им се забранува пристап на жените до универзитетите.
Оваа одлука претставува дополнителен удар врз правата на девојките и жените под талибанската власт во Авганистан.
Пред три месеци илјадници девојчиња и жени полагаа приемен испит, но и притоа беа наметнати широки ограничувања за предметите што можеа да ги студираат - ветеринарна наука, технички предмети, економија и земјоделство беа забранети, а новинарството беше строго ограничено.
ОН ги повикува талибанските власти да дозволат девојчињата да одат во училиште
Откако Талибанците ја презедоа власта во август 2021 година, универзитетите имаат посебни училници и влезови за мажи и жени. Само професорки или постари професори можат да предаваат на студентки.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија ја осудија одлуката на владата.
„Талибанците не можат да очекуваат да бидат легитимен член на меѓународната заедница додека не ги почитуваат правата на сите Авганистанци, особено човековите права и основните слободи на жените и девојките“, рече американскиот заменик амбасадор во Обединетите Нации, Роберт Вуд.
Во ноември, властите им забранија на жените да влегуваат во парковите во главниот град Кабул, тврдејќи дека таму не се почитува исламскиот закон.