Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ситуацијата е „исклучително тешка“ во четирите региони на јужна и источна Украина за кои Москва тврди дека ги анектирала. „Ситуацијата во Доњецката и Луганската народна република, како и во регионите Керсон и Запорожје е исклучително тешка“, рече Путин во видео пораката до вработените во службата за безбедност ФСБ по повод денот на оваа агенција, 20 декември. Првиот човек на Кремљ и поранешен агент на советската тајна служба КГБ повика на „максимална концентрација“ на контраразузнавачките служби.
Руски ракетни напади ширум Украина, Киев предупредува за можна нова офанзива на Москва
„Потребно е строго да се потиснат активностите на странските тајни служби и ефикасно да се идентификуваат предавниците, шпиони и саботери“, рече Путин. Во септември, рускиот претседател ја објави одлуката за припојување на четири украински региони (Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон) кон Русија по локалните „референдуми“, кои Западот и Киев ги отфрлија како „фиктивни“. Во ноември, Украина повторно го зазеде главниот град на регионот Керсон, што претставуваше голем пораз за Москва по неколкунеделни контраофанзиви и акции на украинските борци зад непријателските линии.