Премиерот Димитар Ковачевски нема да побара одговорност од министерот за образование Јетон Шаќири за учебникот по историја и општество за петто одделени кој изобилува со сериозни грешки и пропусти. Премиерот им порача на авторите да обрнат поголемо внимание при пишувањето на учебниците, но исто така внимание да обрнат и рецензентите при рецензирањето на книгите.
„Министер за образование и наука не ги пишува учебниците. Учебници пишуваат автори, рецензија прават рецензенти. Затоа, онаму каде што се појавиле грешки при пишувањето на книгите, при нивното рецензирање, тие ќе треба да бидат вратени и да бидат заменети со текстови кои што ќе бидат напишани на научен начин, рецензирани согласно научната пракса, и како такви повторно дистрибуирани“, изјави премиерот по доделувањето на социјалните станови на граѓани во Пробиштип.
Здружението на историчари бараат итно да се повлече учебникот кој во себе содржи, како што велат сериозни исторски грешки. Еден од клучните проблеми во учебникот е периодизацијата на историјата, потоа и лажните факти, нејасни фрази и недостаток на историски наратив.
Видете и ова: Историски промашувања во учебникот по историјаОд Здружението најавуваат дека во најскоро време до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.
„Сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“, се вели во реакцијата од Здружението на историчари на Република Македонија.
Од здружението сметаат дека текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Во учебникот ретко се поставува прашањето „како“, а прашањето „зошто“ воопшто не се ни обработува. Современото образование бара развој на критичкото размислување, кое воопшто не може да се поттикне од вака составените текстови, се вели во нивното соопштение.