Курти- нема уште долго да се толерираат блокадите на северот на Косово

Нема да се дозволи барикадите во северно Косово да останат уште долго и за нивно отстранување властите се во постојан координација со мировната мисија на НАТО, КФОР, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти на прес конференција. Тој додаде дека Мисијата КФОР , побарала уште малку време, што значи, како што вели, очигледно е дека нема да бидат уште долго време толерирани.

„Но, не заборавајте дека тоа што во последно време го прават нелегалните структури на Србија претворени во криминални банди е почетокот на нивната последна фаза, рече Курти, порачувајќи дека „државата никогаш не била повеќе на колосек“.

Локалните Срби на северот на Косово веќе десет дена ги блокираат патиштата поради приведувањето на нивниот сограѓанин Дејан Пантиќ, кој е поранешен припадник на косовската полиција. Тој е обвинет за учество во нападот на просториите на Централната изборна комисија во Северна Митровица на 6 декември.

Видете и ова: КФОР: Поради присуството на вооружени групи, зголемено нашето присуство на северот на Косово

На барикадите најголем дел од демонстрантите се вработени во српските институции кои функционираат во северниот дел на Косово, како и здравствени и образовни работници. Поради блокадите средношколците во тој регион учат он лајн, додека за основците кризниот штаб донесе одлука од денеска да се вратат во училишните клупи.

Видете и ова: Брнабиќ: ситуацијата на Косово на работ на конфликт

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички. На 9 декември претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одложени вонредните избори за 23 април идната година.