Рускиот претседател Владимир Путин отпатува за Белорусија, што е негово прво патување по повеќе од три години. Путин ќе се сретне со сојузникот Алаксандр Лукашенко во време кога се во пораст шпекулациите за можен притисок врз Белорусија да се приклучи во борбата против Украина.
Путин денеска ќе пристигне во Минск. Од Кабинетот на Лукашенко соопштија дека двајцата ќе одржат разговори еден на еден, како и пошироки преговори со нивните министри за интеграција.
Украинскиот генерал-полковник Серхи Најев на 18 декември рече дека двајцата лидери најверојатно ќе разговараат за „поширока вклученост“ на белоруската војска во војната.
Лукашенко: не ја туркајте нуклеарно вооружената Русија во ќош
Говорејќи пред новинарите пред заминувањето на Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги нарече „неосновани“ и „глупави“ извештаите дека Путин ќе го натера Лукашенко да преземе поактивна улога во војната.
Со Путин на дел од состаноците ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „се подготвува за сите можни“ случувања, вклучително и напад кој доаѓа од белоруска територија.
„Заштитата на нашата граница, и со Русија и со Белорусија – е наш постојан приоритет“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање на 18 декември.
Русија во моментов обучува илјадници свои војници во Белорусија бидејќи нема доволно капацитети дома. Експертите велат дека Русија можеби ги подготвува за офанзива од големи размери на почетокот на следната година.