Судски совет ќе прати работна група на увид во Апелација

Судски совет

Работна група од Судскиот совет доби задача да изврши увид во работата на Апелациониот суд за предметите Таргет – Тврдина, Трезор, Транспортер и Алфа. Во состав на работната група ќе бидат судијките Тања Чачарова-Илиевска, Мирјана Радевска-Стевкова и Мери Радевска. Ова е заклучокот од денешната итна седница на Судскиот совет по одлуката на Апелација за поништување на пресудата за предметот „Таргет Тврдина“ за најголемата афера за незаконско масовно прислушување.

Таргет-Тврдина“ и Трезор се главните предмети кои се однесуваа на аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков,Тој во Таргет Тврдина беше осуден на 12 години затвор. Покрај него во овој предмет осудени беа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, избеганите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошковски и нивниот колега Тони Јакимовски. Во Трезор беше осуден за 8 години казна затвор.

Видете и ова: Итна седница на Судскиот совет за поништената пресуда за „Таргет - Тврдина“

Во предметот Транспортер кој ќе биде трет на листата за контрола се однесува на пресудата против поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, чија пресуда чека одлука од Апелација речиси три години за да може да стане правосилна или пак поништена.

Последен предмет за кој ќе испитува работната група е предметот познат во јавниоста „Алфа“ за убиството на полицаец кај ПМФ. Убиството е сторено во 2008 година, а првата пресуда со доживотен затвор е донесена во 2016 година.

Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“

На седницата за збор се јави и судијката Тања Чачарова-Илиевска која ќе биде дел од работната група, и посочи дека проблемот во Апелациониот суд во Скопје е недостиг на судии.

„Работната група нема да направи нешто што не е направено. Редовно се следи. Ја знаеме и причината поради немање на можност на судиите, генерално, да го совладуваат приливот на предмети кои го добиваат. Апелација-Скопје има најсложени и најголем обем на предмети. Знаеме каква е состојбата со бројката на судии. Тоа се факти кои не можеме да ги премолчиме. Колку траат постапките, во голема мера зависи од овие факти“, вели Чачарова Илиевска.

Со нејзиниот став не се согласи претседателката Дамова која посочи дека целта на посетата е да провери дали судечкиот совет во Апелација дал приоритет на други предмети, дали се одолговлекувала постапката, дали постапувал судија кој исполнувал услови за старосна пензија.