Судскиот совет свика итна седница за денеска на која ќе се разгледува последната одлука на Апелациониот суд со која се поништува пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“ за најголемата афера за незаконско масовно прислушување. Одлуката за итна седница е објавена нивната веб страница со дневниот ред.
„Расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелациониот суд Скопје по предметот познат како „Таргет-Тврдина“, како и по други премети од интерес за јавноста кои се на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје“, е главната точна на дневниот ред на денешната седница.
Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор.Покрај него во овој предмет осудени беа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, избеганите разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошковски и нивниот колега Тони Јакимовски.
Апелација соопшти на 16 ти декември дека е поништена пресудата поради суштински повреди во постапката, односно дека во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите.
Во јавноста беше оспоруван податокот дали мандатот на една од судечките судијки имала важечки мандат, односно дали заминала во пензија пред да биде донесена конечната одлука.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева викендов за дел од медиумите изјави дека како правно тело немаат мандат да преиспитуваат одлука на Апелација, но можат да ја разгледуваат фактичката состојба во која е донесена одлуката.
Во „Таргет-Тврдина“ одлучуваше петчлен совет од Апелација на чело со Јани Нича. Судија известител беше Енвер Беџети, а другите тројца членови беа: Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.