Денеска во Монтреал, Канада, земјите од светот усвоија историски договор чија цел е да се спречи уништувањето на биолошката разновидност и нејзините ресурси, неопходни за човештвото. По четири години тешки преговори и десет дена и ноќи дипломатски маратон, повеќе од 190 земји постигнаа договор под покровителство на Кина, претседавач со Конференцијата на ОН за биолошка разновидност COP15. Овој „мировен договор со природата“ наречен „Договор Кунмин-Монтреал“ има за цел да ги заштити земјата, океаните и животинските видови од загадување, уништување и климатска криза.
Популацијата на дивиот свет е намалена за речиси 70 проценти од 1970 година
Земјите се согласија на патоказ кој има за цел да заштити 30 отсто од планетата до 2030 година и да одвои 30 милијарди долари годишна помош за зачувување на земјите во развој. „Заедно направивме историски чекор“, рече Стивен Гилбо, министер за животна средина на Канада, земја домаќин на конференцијата. Најзначајна од дваесетте усвоени мерки е заложбата за заштита на 30 проценти од копнените и водните површини кои се сметаат за важни за биолошката разновидност до 2030 година. Во моментов, 17 проценти од копнените и осум проценти од морските области се заштитени.
Катастрофални последици од човековата деструкција врз природата
Договорот беше претставен како еднаков на целта усвоена на климатската конференција во Париз за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови. Министрите и владините претставници од околу 190 земји главно се согласија дека заштитата на биолошката разновидност треба да биде приоритет, при што многумина ги споредија напорите со разговорите за климата што завршија минатиот месец во Египет.